Вселената е осветлена од сонцето, човекот од знаењето.

Генерации на успешни ученици кои се гордост на Република Македонија го започнале  своето образование токму во нашето училиште Гоце Делчев кое во периодот од 1958  до 1993 година е познато како Владимир Илич Ленин.

За едуцирање, воспитување на најмладите од исклучителна важност е профилот на  наставниот кадар кој во современите, европските земји се третира како партнер на  учениците во процесот на едукација и градењето на позитивни вредности и ставови.

Со почит,
Маја Ангелова  - Директор

 

Мото
„Сонувај, верувај, учи“

Визија
Учениците да поседуваат чесност, интегритет и праведност.
Без предрасуди и дискриминација, љубопитни за нови и применливи знаења со чувство на самодоверба и лична среќа.
Толеранција и почит за различностите и високо развиена еко свест.

Мисија
Препознаваме и почитуваме дека секое дете е личност со различен потенцијал и посебна индивидуалност.
Овозможуваме еколошки чиста, безбедна, креативна и мотивирачка средина.
Демонстрираме љубезност, пристојност, одговорност и толеранција со позитивен пријателски пристап.

Наш историјат

На аголот меѓу Гоце Делчев и уличката 8 Ударна бригада до земјотресот се издигаше великолепна зграда, со богати фасадни елементи, извесно време Министерството за комунални работи. Спроти неа на аголот имаше модерна повеќекатница. Нејзината фасада беше мошне богата со архитектонско - естетски елементи, во што имаше и интересни детали, кои напомнуваа на јужната фасада на Офицерскиот дом. Зградата имаше мал двор, заграден со ограда од ковано железо. Во приземните дуќански простории имаше продавница која граѓаните ја викаа "Дипломатски магазин". Во неа имаше од пиле млеко, но немаше ни фирма ни име. Беше од затворен тип. Тоа е времето на "купонскиот систем" и по него, извесно време. Тука некаде беше исто така специјализирана продавница за ловечки реквизити - "Ловец" пак во убава висока зграда. До неа, од памтивека, најпрвин во еднокатна зграда, а потоа доградени два ката, е Друштвото на писателите на Македонија. Во сутеренот со иста возраст е бифето на Друштвото, каде се прават извонредни специјалитети на скара, особено пилешко.

Тука, на ред е зградата каде беше "Танјуг", сега поостарена, а до неа основното училиште "Гоце Делчев". Е, тој импозантен и монументален објект, што се протегаше на двете улици: Васил Главинов и Гоце Делчев, веќе не постои! Архитектот ја искористил шансата да се докаже како извонреден уметник и изградил прекрасна архитектонско - естетска композиција. Најпрвин поставил скалила на два ката, потоа слободен простор и влез со три врати, а зад нив, внатре - широко антре и се тоа во елегантна полукружна форма. Од антрето кон катот водеа функционални скали со гелендери, ковано железо и врз тоа дрвен раб. Зградата не допираше директно до тротарите, туку меѓу железната ограда до тротоарот и зградата, се протегаше вечно зелен тревнест појас кој ја разбиваше монотонијата. Во високиот сутерен, долго по ослободувањето работеше Градската библиотека. Горе, на приземјето и катот имаше училници кои и денес би биле модерни со својата функционалност, а ходниците послани со мозаик од пепелави и темни плочки во вид на геометриски форми. Во продолжение на трактот што излегуваше на улицата Гоце Делчев, имаше пространа сала во која се организираа разни манифестации и изложби.
За оваа зграда - училиште, освен радосни настани, врзани се и трагични моменти. Имено, во борбите за ослободување на Скопје, 13 ноември 1944 година, тука загинаа петмина борци меѓу кои и болничарката - борец Драга Божиновска - уште ученичка. Претрчувајќи да му помогне на еден ранет борец, таа загинува, а борецот останува жив. Години потоа често велел: Заради мене, загина Драга". Двајцата ученици подоцна да се покажат пред другарчињата, од катот по гелендерот се лизгале надолу, но од голема височина паѓаат и останаа со тешки телесни последици. Веднаш паднала наредба да се заковаат клинци, како превентива. Зад училиштето имаше простран двор за физичко воспитување, но и пространи натстрешници - дел од училишната зграда. Во 1950 година тука се одржа првиот стопански саем.

Прекрасната зграда во кој беше сместено училиштето се наоѓаше помеѓу денешните улици „Даме Груев“, „Максим Горки„ и „27 Март“ (денешна „Никола Кљусев“). Денес детскиот џагор се слуша од новиот сквер, кој го замени прекрасниот училишен двор. Во близина е Друштвото на Писатели на Македонија, легендарната кафеана „Кај Јоле“, која и денес ги собира на дружба скопските боеми, просториите на Швајцарската амбасада, како и популарниот „Custom pub”.  

Спомени... историја... прекрасни, но и трагични моменти кои го одбележале битисувањето на основното училиште „Гоце Делчев“. Сепак, приказната продолжува понатаму со нов детски џагор и жар за подобра иднина. Основното училиште „Гоце Делчев“ е и ќе биде врежано во меморијата на минатите, сегашните и идните генерации кои и понатаму ќе ја раскажуваат приказната за „Гоце„ како светла приказна за нашиот Центар, за нашиот град.

 

Back to top